I can’t tell you how thrilled I’m about having the opportunity to translate the summary of Your Money or Your Life by Vicki Robin in Macedonian.
Having said that, I want to personally thank everyone who contributed and made my idea come true. Vicki Robin, thank you for letting me translate the summary gratis, Ljubica Arsovska, thank you for taking on the challenge to translate the summary. Mama and Tato, thank you for your support and meeting with Ljubica Arsovska. Igor Stefanovski, thank you for introducing me to Ljubica Arsovska.
Without your help and collaboration none of this would be possible. Thank you for believing and making a difference in the world.
Резиме
Резимирано (со грижа и посветеност) од уредничката Клер Мос, заедно со Лоренс Толц, за целите на запознавање со програмата во девет чекори во книгата Парите или животот. Засновано е врз оригиналот на книгата, и говори за тоа:
Како настана оваа книга
Оваа книга не се темели на теорија, добри идеи или некаква нова филозофија. Таа е резултат на 50 години комбинирано искуство (30 години во случајот на Џо Домингез, 20 години на Вики Робин) на живот според овде претставените начела. Оваа книга не се појави од никаде, туку се создаваше низ развој.
Џо Домингез беше успешен финансиски аналитичар на Вол Стрит пред да се повлече на 31 година, и веќе никогаш да не прифати пари за што било што работел.
Вики Робин дипломирала како еден од најдобрите студенти на Универзитетот Браун, а подоцна ја напуштила својата кариера во подем во областите филм и театар во Њујорк. Благодарение на својот непристрасен начин на размислување ја согледала вредноста на новата стратегија во однесувањето со парите што го нудел Џо, и да го примени во сопствениот живот.
Џо Домингез и Вики Робин беа основачи на New Road Map Foundation (Фондација Нова стратегија), волонтерска, непрофитна организација што се залага за хумана, одржлива иднина за нашиот свет.
Џо Домингез почина на 11 јануари 1997 година. Неговото дело и порака и натаму живеат во преобразените животи на следбениците на програмата насекаде низ светот.
Парите или животот е книга преполна со примери, приказни и искуства на мнозина коишто ја следеле нивната програма во девет чекори на својот пат до финансиска независност.
Поставете си ги овие прашања:
- Дали имате доволно пари?
- Дали поминувате доволно време со семејството и пријателите?
- Дали се враќате дома од работа полни со живот?
- Дали имате време да правите нешта што сметате дека вреди да се прават?
- Кога би добиле отказ од работа, дали тоа би го сфатиле како нова можност?
- Дали сте задоволни со својот придонес за светот?
- Дали сте спокојни и опуштени во однос на парите?
- Дали вашата работа ги одразува вашите вредности?
- Дали имате доволна заштеда што би можела да покрие шест месеци вообичаени животни трошоци?
- Дали ви е животот целосен? Дали сите негови делови — вашата работа, вашите издатоци, вашите врски, вашите вредности — се меѓусебно добро вклопени?
Ако сте одговориле со „не“ на бар едно од овие прашања, продолжете да читате.
Целта на Парите или животот е да го преобрази вашиот однос кон парите. Тој однос вклучува повеќе од само вашата заработка, расходи, долгови и заштеди; тој го вклучува и времето што овие функции ви го одземаат во животот. Покрај тоа, вашиот однос кон парите се отсликува и во чувството на задоволство и исполнетост што можете да го добиете од вашата поврзаност со семејството, заедницата и планетата.
Кога, следејќи ги овие чекори, ќе ја промените природата и функцијата на вашата интеракција со парите, вашиот однос кон парите ќе биде преобразен – ќе достигнете нови нивоа на удобност, компетентност и свесност во однос на сѐ во врска со партите.
Денес се нудат многу книги за парите. Заедничко за сите тие книги е што сметаат дека вашиот финансиски живот функционира одвоено од сѐ друго во вашиот живот. Оваа книга зборува за повторно обединување на сите делови. Тука станува збор за вклопеност, приод кон вашиот живот на принцип на’целосни системи’. Таа ќе ве врати на основните начела – основните принципи за тоа како вашето трошење на парите (а се надеваме и вашето штедење) да го претворите во огледало на вредностите и целите на вашиот живот. Тука станува збор за најосновната од сите слободи – слободата да мислите со своја глава.
Што може да очекувате од оваа книга
Од стотиците добиени писма знаеме за многуте разни начини на кои се збогатиле животите на луѓето кои ја следеле програмата понудена во оваа книга.
- Конечно ги сфатиле основните елементи на парите.
- Повторно се поврзуваат со старите соништа и наоѓаат начини да ги остварат.
- Со силно чувство на слобода и олеснување, учат како да ја воочуваат разликата меѓу битните работи и вишоците во сите области на нивните животи, и како да се растоварат себеси.
- Откриваат дека односите со пријателите и децата им се подобруваат.
- Нивниот нов финансиски интегритет решава многу внатрешни судири помеѓу нивните вредности и нивниот начин на живот.
- Парите веќе не се проблем во нивните животи,и конечно имаат интелектуален и емоционален простор да се зафатат со поважни работи.
- На видливо ниво, ги отплатуваат своите долгови, ги зголемуваат заштедите и можат среќно да живеат во рамките на своите средства.
- Го зголемуваат количеството ’слободно време’ намалувајќи ги издатоците и количеството време поминато на работа.
- Престануваат со пари да ги решаваат проблемите, и наместо тоа, тешкотиите ги користат како можност да научат нови вештини.
- Општо земено, го затвораат јазот помеѓу нивните пари и нивниот живот – и животот станува една обединета целина.
Стариот пристап кон парите нѐ зароби токму во инструментот што требаше да нѐ ослободи од мачниот труд. Ориентирите во стариот пристап беа јасни: „девет до пет сѐ додека не наполниш шеесет и пет“; „дај си ја душата на фирмата“, притисок за повисок „животен стандард“ без оглед на моралните, етичките, емоционалните, културните, духовните, брачните, еколошките и политичките последици.
И тоа функционираше — но само додека на луѓето навистина им требаа повеќе материјални нешта. Кога не го одделуваме својот идентитет од својата работа, ние сме идентификувани како потрошувачи. Според речникот, да се троши значи да се ’уништува, расфрла, искористува’. Купувањето го сметаме за рекреација, па така имаме ’купувачка до папсувачка’. Сакаме добра иднина за нашите деца, затоа работиме повеќе или стануваме семејство со два прихода, а одгледувањето на децата им го препуштаме на градинки или дадилки. Им ги купуваме најновите играчки како доказ за нашата љубов. Трошиме толку многу од нашето скапоцено време заработувајќи за да можеме да трошиме, што накрај немаме време да ги преиспитаме своите приоритети.
Нашата стара финансиска стратегија, наместо да нѐ направи понезависни, поисполнети поединци, нѐ заплетка во пајажината на финансиски зависности. Сме станале финансиски зависни од раѓање до смрт – од нашите родители за нашата првична финансиска издршка, од ’економијата’ за да добиеме добро работно место, од ’работата’ за нашиот опстанок, од надоместоците за ’невработеност’ што треба да нѐ одржуваат во живот до новата работа, од нашата пензија, за да се осигуриме за староста, и на здравствено осигурување, за случај да се разболиме пред да умреме. Материјалниот напредок што би требало да нѐ ослободи, нѐ направи уште попоробени.
Сепак, во еден момент во последните четириесет години условите почнаа да се менуваат. За мнозина, материјалната сопственост прерасна од нешто што треба да ги задоволи потребите, во нешто што им дава поголем комфор, и накрај во нешто што овозможува луксуз – па и повеќе , до претераност. За разлика од минатото, почнаа да се јавуваат проблеми што не можат да се решат со купување материјални добра. Самата планета почна да покажува знаци на слабеење на нејзиниот капацитет да се справува со резултатите на нашиот економски раст и консумеризам – недостигот на вода, загубите на горниот слој почва, глобалното затоплување, озонските дупки, изумирањето на животински видови, деградацијата и исцрпувањето на природните ресурси, загадувањето на воздухот и натрупувањето на отпадот, сето тоа се знаци дека нашиот опстанок е доведен во прашање. Иако ’ја добивме’ индустриската револуција, сѐ повеќе се чини дека пленот е трул. Потребни се нови инструменти за навигација. Денес ни треба нов финансиски приод кој е заснован врз тековните глобални услови и ни нуди излез.
СОЗДАВАЊЕ НОВA СТРЕТЕГИЈА — ФИНАСИСКИ НЕЗАВИСНО РАЗМИСЛУВАЊЕ
Како ќе дојдете до нова стратегија во однос на парите? За такво нешто е потребен нов начин на размислување. Еден од главните фактори за создавање на нова стратегија е она што ние го нарекуваме Финансиски независно размислување (ФН размислување). Тоа е процесот на преиспитување на оние основни претпоставки што несвесно сте ги усвоиле, на оценување на вашата сопствена стратегија. Сѐ додека не можете смислено и непристрасно да ја преиспитате сопствената стратегија во однос на парите, ќе бидете заглавени во класични финансиски ќорсокаци, какви што се:
- Трошите повеќе отколку што заработувате.
- Купувате скапо продавате евтино.
- Не ви се допаѓа вашата работа, но не гледате излез.
- Ви требаат две плати за да составите крај со крај.
- Парите толку многу ве збунуваат што управувањето со нив им го препуштате на експерти кои, пак, живеат од вашете незнаење..
Истражувањето на подолунаведените концепти ќе го промени вашиот однос кон парите и ќе ве одведе до Финансиска интелигенција, Финансиски интегритет, па дури и Финансиска независност.
Финансиска интелигенција
За да стекнете Финансиска интелигенција најнапред треба да знаете колку пари веќе сте заработиле, каква корист имате од таа заработувачка, колку од неа влегува во вашиот живот, а колку излегува од него.
Но тоа не е доволно.Треба да знаете и што се навистина парите и што од својот живот давате во замена за пари.
Еден видлив исход на Финансиската интелигенција е што ќе излезете од долгови и во банка ќе имате пари за основните животни трошоци за барем шест месеци. Ако ја следите програмата што ја претставуваме, таа ќе ве одведе до Финансиска интелигенција.
Финансиски интегритет
Финансиски интегритет се постигнува со учење за вистинскиот ефект од вашата заработувачка и трошење, во однос и на вашето семејство и на планетата. Тоа е знаење за тоа што се доволно пари и материјални добра за да се одржувате на највисоката точка на ваша исполнетост – а што е најобична прекумерност и трупање.
Финансиска независност
Финансиската независност се дефинира како имање приход доволен за вашите основни потреби и удобност од извор што не е платено вработување. Тоа е, исто така, независност од парализирачките финансиски убедувања, парализирачките долгови, и од парализирачката неспособност да си ги овозможите модерните ’олеснувања’ – од поправка на вашиот автомобил, до поправање на вашето централно греење. Финансиска независност е доживување на слобода на психолошко ниво.
Ослободени сте од чувствата на вина, огорченост, завист, фрустрација и очај во врска со парите.
Финансиската независност нема никаква врска со статус на богат човек. Финансиската независност е доживувањето да се има доволно – а потоа нешто повеќе. Според старото сфаќање, Финансиска независност е да се биде засекогаш богат, и како таква е недостижна. Доволното е достижно. За вас доволно може да е нешто поинакво од доволното за вашиот сосед – но тоа ќе биде бројка што е реална за вас и што ви е достижна.
Парите или животот
Ако некој ви забие пиштол во ребра и ја изговори оваа реченица, што ќе направите? Повеќето од нас ќе ги извадат паричниците. Заканата дејствува затоа што животите си ги цениме повеќе отколку парите. Но, дали навистина?
Каде е сиот оној живот што наводно сме си го создале на работното место? Зар за мнозина од нас тоа што сме го создале не е поблиску до ’умирање’? Зар не се убиваме себеси – нашето здравје, нашите врски, нашето чувство на радост и очуденост – заради нашите работни места? Си ги жртвуваме животите за пари – но тоа оди толку пополека што одвај забележуваме што се случува. Накрај може да ги имаме сите материјални удобности, па дури и луксузи што сме можеле да си ги посакаме, но инерцијата нѐ држи заглавени во образецот ’девет-до-пет’.
Психотерапевтот Даглас Лабие го документира овој ’социјален ра-строј’ во неговата книга Modern Madness (Модерно лудило). Тој открил дека фокусирањето врз пари / позиција / успех, на сметка на личната исполнетост и значење на животот, одвел 60 отсто од примерокот од неколку стотини лица во депресија, анксиозност и други нарушувања поврзани со нивната работа, вклучително и сеприсутниот ’стрес’.
Каква корист имаме ние од тоа?
Кога секојдневното мелење би нѐ усреќувало, иритацијата и непријатностите би биле мала цена што мора да се плати. Нашите долгови и недостигот на заштеда ја наметнуваат рутината од девет-до-пет како задолжителна. Учесниците на нашите семинари, без оглед на висината на нивните приходи, секогаш изјавуваа дека им треба ’повеќе’ за да бидат среќни. Ги замоливме да го рангираат своето чувство во однос на среќа на една скала од 1 (мизерно) до 5 (радосно), при што 3 е ’не можам да се пожалам’, и ги поврзавме избраните броеви со нивните приходи. Во примерок од над 1.000 лица, и од САД и од Канада, просечниот збир за среќа постојано беше помеѓу 2,6 и 2.,8 (дури ни 3), сеедно дали приходот на лицето беше под 1000 долари месечно, или над 4000 долари месечно.
Кога ова би бил само личен пекол, и тоа би било доволно голема трагедија. Но не е. Нашиот начин на живот во изобилство има сѐ поуништувачки ефект врз нашата планета.
Создавањето на потрошувачи
Можеби упорно се држиме за нашето изобилие – иако тоа не е добро ни за нас, ни за планетата – поради самата природа на нашиот однос кон парите. Врз парите ја проектираме способноста да си ги оствариме мечтите, да си ги стивнеме стравовите, да си ја ублажиме болката и да се вознесеме во висините. Всушност, преку парите ги задоволуваме повеќето наши потреби, копнежи и желби. Ние купуваме сѐ, од надеж до среќа. Веќе не го живееме животот, туку сме негови потрошувачи.
Почнавме да веруваме, длабоко, дека е наше право да бидеме потрошувачи. Ако имаме пари, можеме да купиме сѐ што сакаме, сеедно дали ни треба или не ни треба, дали купеното го користиме, или дури дали уживаме во него…А ако немаме свои пари… па да му се невиди, за што служат кредитните картички? Нашето право да купуваме го имаме сфатено многу сериозно, и можеби сме го поставиле над сите други права, привилегии и должности на едно слободно општество.
Истовремено, помеѓу рекламите, нашите телевизии, радија и весници ги пренесуваат лошите вести во врска со животното опкружување. Депониите се затрупани со амбалажа од разни производи. Производството на тие производи ги загадува подземните води, го обесшумува Амазон, ги онечистува реките, го спушта нивото на подземните води, ја намалува озонската обвивка и ја менува климата.
Преобразувањето на нашиот однос кон парите и преоценувањето на нашето трошење на парите би можеле и нас и нашата планета да нѐ вратат на вистинскиот пат. Треба да учиме од минатото, да ја согледаме нашата сегашна реалност и да создадеме нов однос кон парите, заснован врз стварноста, отфрлувајќи ги претпоставките и митовите што не даваат резултати.
Почеток во новата стратегија за парите
Има еден збор што ја дава основата за менувањето на нашиот однос кон парите. Тоа е збор што го употребуваме секој ден, а сепак практично не сме во состојба да го препознаеме кога е пред нас.
Зборот е ’доволно’. Доволно за нашиот опстанок. Доволно удобствија. Па дури и доволно малечки ’луксузи’. Имаме сѐ што ни треба; нема ништо одвишно што ќе нѐ оптоварува. ’Доволно’ е почит и целосно уживање на она што парите ви го донесуваат во животот, без купување на што било што не е ниту потребно ниту посакувано.
Тогаш што се сите работи над ’доволно’? Тоа е сѐ она што го имате но не ви користи, а зазема простор во вашиот свет. Натрупани работи! Значи, откажувањето од натрупаните работи не е лишување, туку растоварување и отворање простор за да се случи нешто ново. Доволно претставува широко и стабилно плато. Тоа е место на готовност, креативност и слобода. Од ова место, задушени под планината натрупани работи што мора некаде да се стават, да се чистат, селат, од кои треба да се ослободите и што треба навреме да ги отплатите.
ДЕВЕТ ВОЛШЕБНИ ЧЕКОРИ ЗА СОЗДАВАЊЕ НА НОВА СТРАТЕГИЈА
Овие чекори се едноставни, здраворазумски практики.
Апсолутно е неопходно посветено да го сработите секој чекор. Чекорите се надоврзуваат еден на друг, создавајќи го ’волшебниот’ дел на синергијата – целината е поголема од збирот на деловите. А тој ефект може ќе го видите дури по повеќе месеци придржување кон овие чекори.
Совесната примена на сите чекори ќе придонесе вашите лични финансии да станат една обединета целина.
Чекор 1: Помирување со минатото
Целта на оваа постапка е да ја засилите својата свесност. Со неа се лоцирате во време и простор и ги преиспитувате своите заработувачки и трошења на парите во минатото.
A: Колку сте заработиле во животот? Утврдете ја вкупната заработувачка во досегашниот живот – збирната сума на вашиот бруто приход, од првата паричка што сте ја заработиле во животот, до последната плата.
Како:
- Управа за јавни приходи – задолжително социјално осигурување — ‘Барање за потврда за приходи.’
- Изводи од даночна управа.
- Потврди за примена плата; евиденција на работодавецот.
Зошто:
- Ова ќе ви даде јасна слика за вашата моќ во внесувањето пари во вашиот живот.
- Се отстранува нејаснотијата или самозалажувањето на ова поле.
- Ви влева доверба, помага полесно да си ги поставите целите.
Овој чекор е еден од камен-темелниците на програмата. Бидејќи секој одделен чекор од програмата бара точност и одговорност, беспрекорниот почеток е добар пример за понатаму. И не само тоа, туку беспрекорното спроведување на овој чекор може да доведе до тоа да најдете подобра работа со подобра плата. Затоа, проверете уште еднаш. Дали овој чекор сте го спровеле навистина темелно? Оние што постапуваат малодушно често добиваат и таков живот.
Надвор од САД може да биде тешко или невозможно да соберете евиденција за минатите приходи. Ако таквите податоци не ви се достапни, предлагаме да се присетите на сите работни места на кои сте работеле и да процените колку според ваше мислење сте заработувале секоја година, по одбивање на даноци.
Б: Каква корист имате од тоа? Утврдете ја својата нето вредност така што ќе изработите личен биланс на состојба на сѐ што поседувате и сѐ што должите.
Како:
- Направете список на сѐ во ваша сопственост, и наведете ја нивната моментна пазарна вредност.
- Направете список на сѐ што должите.
- Одбијте ги вашите долгови од она што го поседувате, за да ја добиете својата нето вредност.
Зошто:
- Никогаш не можете да знаете што е доволно ако не знаете што имате. Може да откриете дека имате во сопственост многу материјални нешта што не ве исполнуваат, и можеби ќе сакате да ги претворите во готовина.
- Ова е најелементарна, фундаментална практика за секој деловен субјект – а вие сте деловен субјект.
Иако може да не изгледа така, овој момент во програмата е исклучително поттикнувачки. Досега вашиот финансиски живот не се одликувал со особена насоченост или свесност. Сега имате преглед на својот финансиски статус и можете објективно да одберете дали да претворите, или да не претворите, некои од вашите основни средства во готовина, за на тој начин да ја зголемите својата заштеда – или за да излезете од долговите.
И запомнете, Ни срам, ни арам. Кога го правите својот биланс на состојба, може да ви се јават многу чувства поврзани со вашиот материјален свет: натаженост, длабока тага, носталгија, надеж, вина, срам, непријатно чувство, гнев. Но со прибран и сочувствителен став овој чекор може да биде вистинско просветлување – и да ви помогне да се ослободите од материјалните и емоционалните товари што ги влечете со години.
Чекор 2: Да се биде во сегашноста – По трагата на вашата животна енергија
Што е оној наш еден доследно вистинит исказ за парите што ќе ни овозможи да бидеме јасни, вешти и моќни во нашиот однос кон нив?
Парите се нешто за што одбираме да ја дадеме својата животна енергија.
Нашата животна енергија е делот од времето што ни е даден овде на земјата, нам достапните часови скапоцен живот. Кога одиме на своите работни места ние ја даваме својата животна енергија во замена за пари. Би можело дури да се рече дека парите се изедначени со нашата животна енергија. Значи, иако парите по себе не се реални, нашата животна енергија е – барем за нас самите. Таа е опиплива и таа има одреден рок. Скапоцена е затоа што е ограничена и неповратна, и затоа што нашите избори на начините на кои ќе ја трошиме ги изразуваат смислата и целта на нашето време тука на земјата. Парите се нешто што го сметате за доволно вредно за лесно да потрошите една четвртина од времето што ви е дадено на земјава за да ги стекнувате, трошите, да се секирате за нив, да мечтаете за нив, или на некој друг начин да реагирате на нив.
A: За колку пари ја давате својата животна енергија? Утврдете го стварното чинење во време и пари потребно за да ја задржите својата работа, и пресметајте ја вашата вистинска сатница.
Како:
- Одбијте ги од вашиот неделен приход трошоците за одење и враќање од работа; трошоците за облеката што ја купувате за на работа; дополнителните трошоци за оброци на работа; износот потрошен за да се релаксирате и опуштите по стресот од работниот ден; болестите поврзани со работата; и сите други трошоци што ги имате за да ја задржите работата.
- Додадете ги на вашата работна недела часовите минати во подготовка за работа, патот до и од работа, времето минато во опуштање дома по работата, потребата од рекреација по работа како средство за опуштање, пазарењето за да се почувствувате подобро затоа што работата ве прави мизерни, и сите часови што имаат врска со вашето задржување на работата.
- Поделете ја новата, намалена неделна доларска бројка со новата, зголемена бројка на часови во неделата; ова е вашата вистинска сатница.
- Поединците со променливи приходи може да покажат креативност — земете ги месечните просеци, или типична недела, што и да е што ви одговара.
Мнозинството луѓе нереално го гледаат овој сразмер меѓу животна енергија и заработувачка: „Можам да заработам 440 долари неделно, работам 40 часови неделно, значи давам еден час моја животна енергија за 11 долари.“ Но тоа во никој случај не е толку едноставно. Помислете на сите парични издатоци што се директно поврзани со вашата работа. Со други зборови, да не ви е потребна таа работа што ви носи пари, колку проарчено време и колку парични издатоци би исчезнале од вашиот живот.
Зошто:
- Ова е суштинска, фундаменталната практика за секој деловен субјет – а вие сте деоловен субјект.
- Вие сте во деловната активност на продавање на најскапоцениот ресурс што постои – вашата животна енергија. Треба да знаете по која цена ја продавате.
- Бројката до која ќе дојдете во овој чекор на постапката – вашата вистинска сатница – ќе стане суштинска компонента во менувањето на вашиот однос кон парите.
Оваа книга нуди примери за издатоци и часови кои се директно поврзани со вработеност:
- Патувањето од дома до работа и назад може да чини 50 долари неделно и да ви одземе 7,5 часови.
- Годишните издатоци за облека за на работа, поделени со 50 недели, 15 долари неделно.
- Времето, во една недела, потрошено за облекување и подготовка за работа, 1,5 часови.
- Трошоци за оброци поврзани со работата, кафе паузи, ручеци, 20 долари неделно.
- Време во една недела за оброци и паузи на работа, 5 часа.
- Мнозина доаѓаат дома уморни и исцедени, на мнозина им треба околу еден час дневно да се опуштат откако ќе дојдат дома, што значи 5 часови во тек на една работна недела.
Покрај ова, тука се трошоците за забава-бегство, професионални болести, како и годишни одмори за да закрепнете од работата.
Оваа книга го нуди следниот пример што го покажува ефектот од трошоците поврзани со работа во однос на вообичаена 40-часовна недела/440 долари.
Оваа табела покажува како една 40-часовна работна недела може, всушност, да одземе 70 часови од животот на човекот. И не само тоа, туку и како платата од 440 долари може да се намали поради издатоците во износ од 160 долари, поврзани со работата, па остануваат само 280 долари за 70 часови време поврзано со работа, или 4 долари за час, или 1 долар секои 15 минути.
Па така, сега согледувате дека покрај трошоците поврзани со работа, за лицето во овој пример секој потрошен долар може да претставува и 15 минути од животната енергија.
Б: Водете сметка каде ви оди секоја паричка што влегува или излегува од вашиот живот.
Досега утврдивме дека парите се еднакви на животна енергија и научивме да пресметуваме колку точно часови животна енергија даваме за секој долар. Сега треба да станеме свесни за движењето на тој облик на енергија наречен пари во секој момент од нашите животи – треба да го следиме нашиот приход со водење Дневен паричен дневник.
Религиите, древни и современи, и работилниците за личен развој на движењето за човековиот потенцијал, имаат техники за вежбање за умот да биде тука и сега, ’во мигот’. Овие техники се јавуваат во разни облици и вклучуваат некои навидум различни техники, какви што се броење на дишењето, со внимание на секое вдишување и издишување, долго повторување на некоја фраза за да се фокусираат расеаните мисли.
На оваа листа додаваме уште една дисциплина за изострување на свесноста – дисциплина што е неопходна за финансиската програма и која нашиот приземен, материјалистички западњачки менталитет можеби ја прифаќа полесно отколку некои „езотерични“ практики. Наместо да внимавате на дишењето, внимавате на вашите пари. Практиката е едноставна:
Водете сметка каде оди секоја паричка што влегува или излегува од вашиот живот.
Како:
- Осмислете систем за водење евиденција што вам ви одговара (на пример, малечко тефтерче). Запишувајте ги точно дневите издатоци. Запишувајте го секој вид приход.
Зошто:
- Затоа што тоа е најдобар начин да станете свесни за тоа колку пари всушност влегуваат и излегуваат од вашиот живот, наспроти вашата претстава за тоа како доаѓаат и си одат. Тука вистински се тестира вашата посветеност на расчистување на вашиот однос кон парите. Во повеќето од нас постои склоност да си попуштаме за повеќе слобода и простор. Еден од клучните фактори за успешност во оваа програма (и во животот) е промената на ставот, од немарност и опуштеност, во точност, прецизност и беспрекорност.
Чекор 3: Каде одат сите тие пари? (Месечна табела)
Не грижете се. Опуштете се. Во оваа програма не станува збор за економизирање. Ни економизирањето, како и диетите, не функционира. А и двете не функционираат затоа што се занимаваат со симптомите, а не со причините. Причината за салото не се навистина калориите во храната, туку желбите во нашата глава.
- Секој месец правете табела на сите приходи и сите расходи во категории создадени од вашиот единствен обрасец на трошење.
- Направете биланс на вашиот вкупен месечен приход и вкупните расходи.
- Претворете го „доларите“ потрошени во секоја категорија во „часови животна енергија“, користејќи ја вашата реална сатница што ја пресметавте во чекорот 2.
Како:
- Проста математика. Во ова може да ви е од помош домашен компјутерски сметководствен софтвер.
(Компјутерот не е од суштинска важност, затоа што и двајцата автори стекнаа Финансиска независност без користење на компјутери.)
Зошто:
- Оваа месечна табела ќе биде точна слика за тоа како, всушност, живеете и ќе ви даде темел за преостанатиот дел од прогармата.
Книгата нуди примери на категории на трошење и модели на табели.
Чекор 4: Три прашања што ќе го преобразат вашиот живот
Во вашиот месечен табеларен преглед поставете три прашања за секој вкупен збир во категориите изразен како часови животна енергија и запишувајте ги вашите одговори:
- Дали добив чувство на исполнетост, задоволство и вредност сразмерно на потрошената животна енергија?
- Дали ова трошење на животната енергија е во согласност со моите вредности и животни цели?
- Како би се променил овој издаток кога не би морал/а да работам за живот?
На дното на секоја категорија ставете еден од овие знаци:
Ставете минус [-] или надолна стрелка ако не сте добиле чувство на исполнетост сразмерно на часовите животна енергија вложени во купување добра и услуги во таа категорија, или ако тој издаток не бил во целосна согласност со вашите вредности и цели, или ако гледате дека издатоците во таа категорија би се намалиле откако ќе стекнете Финансиска независност.
Ставете плус [+] или нагорна стрелка ако сметате дека зголемувањето на овој издаток би го зголемил вашето чувство на исполнетост, би демонстрирал поголема лична усогласеност, или би се зголемил откако ќе стекнете Финансиска независност.
Ставете нула [0] ако таа категорија си е во ред во секоја смисла.
Како:
- Со целосна чесност.
Зошто:
- Ова е јадрото на програмата.
- Овие прашања ќе ги појаснат и обединат вашата заработувачка, вашата потрошувачка, вашето чувство на исполнетост и вашиот интегритет.
- Ова ќе ви помогне да откриете што е доволно за вас.
Кога од месец во месец си го поставувате прашањето дали во секоја од тие категории навистина сте добиле чувство на исполнетост сразмерно на вложената животна енергија, ќе ви се разбуди природното чувство на знаење кога доволното е доволно.
Едноставно кажете ’да’ на свесноста.
Оваа програма се темели врз свесност, исполнетост и избор, не врз планирање на финансиите и лишување. Во неа станува збор за идентификување, за вас лично, на она што ви треба, наспроти она што го посакувате, кои купувачки или видови купени работи навистина ви носат чувство на исполнетост, што претставува ’доволно’ за вас, и на што, всушност, ги трошите парите.
Учите да правите финансиски избори ослободени од она што рекламите и индустријата решиле дека би било добро за нивниот бизнис. Ослободени сте од понижувањето да сте манипулирани својата животна енергија да ја трошите на работи што не ви носат чувство на исполнетост. Ова е вид Финансиска независност ’едноставно да се каже не’ на несвесното трошење. А Тао Те Чинг, древната кинеска книга на мудрост, вака го кажува тоа: „Оној што знае дека има доволно е богат.“
Финансиска интелигенција е знаење дека ако својата животна енергија ја трошите на работи кои ви носат одвај некакво чувство на исполнетост и не ги крепи вашите вредности, накрај имате помалку живот. Овој чекор нема врска со планирање на вашите финансии, ни со самоосуда, ни со себелишување.Тука станува збор за оддавање почит, и согледување на вредноста на оној ограничен ресурс наречен ваша животна енергија. Станува збор за искористување на оваа висока самопочит за да ви донесе поголема исполнетост, поголемо задоволство и поголемо чувство на целовитост, усогласеност и интегритет. Ова го постигнувате со развивање на свеста за вашите непреиспитани и незадоволувачки начини на трошење – безболно.
Чекор 5: Дајте ѝ видливост на вашата животна енергија
Направете голема Ѕиден графикон во кој ќе ги внесувате вкупните месечни приходи и вкупните месечни расходи од месечната табела. Ставете го на место каде што ќе го гледате секој ден.
Како:
- Земете голем лист милиметарска хартија и одберете скала што ви дава доволно простор над вашите највисоки проектирани месечни расходи или месечни приходи. Користете линии со различни бои за месечните расходи и месечните приходи.
Зошто:
- Графиконот ќе ви го покаже трендот во вашата финансиска ситуација и, како што минува времето, ќе ви го дава чувството дека напредувате, а преобразбата на вашиот однос кон парите ќе биде очигледна.
- Ќе видите дека линијата на вашите расходи се спушта надолу кога вашето чувство на исполнетост оди нагоре – резулатот на ’инстинктивно’, автоматско намалување на издатоците во категориите што сте ги означиле со минус.
- Овој Ѕиден графикон ќе стане сликата на вашиот напредок кон целосна финансиска независност, и ќе го користите до крајот на програмата. Тој ќе ве инспирира, стимулира, поддржува и благо ќе ве укорува.
Кога ќе го правите овој чекор во првиот месец, ќе добиете фотографија – многу освестувачка – за вашите навики во постапувањето со парите. Но, вистинското учење, и вистинската забава, настапуваат кога ги внесувате бројките месец по месец, година по година. Вашиот Ѕиден графикон ќе му ја додаде динамичната димензија време на дводимензионалниот свет на вашите месечни табели. Тој нѐ потсетува дека менувањето на нашиот однос кон парите бара време и трпение. Нестрпливоста, негирањето и алчноста се, всушност, дел од она што се менува.
Книгата содржи модели на ѕидни графикони како и упатства како да созадете лично ваш графикон.
Чекор 6: Почитување на вашата животна енергија – сведување на трошењето на минимум
Научете и практикувајте интелигентно користење на вашата животна енергија (пари) што ќе доведе до намалување на вашите трошоци и зголемување на вашата заштеда. Ова ќе создаде поголема исполнетост, интегритет и усогласеност во вашиот живот.
Како:
- Трите прашања од Чекорот 4 поставувајте си ги секој месец.
- Научете да ги дефинирате своите вистински потреби.
- Бидете свесни при трошењето на парите.
- Совладајте ги техниките на мудро купување. Проверувајте ја вредноста, квалитетот и трајноста.
Зошто:
- Вие го трошите најскапоценото што го имате – вашата животна енергија. На располагање ви преостанува уште само ограничено количество.
- ’Квалитетот на животот’ често се намалува кога ’животниот стандард’ се зголемува.
Богатството што го уживаме денес е резултат на векови умереност на мнозинството наши граѓани. Умереност значи дека треба да го уживаме она што го имаме. Ако имате десет фустани, но сѐ уште имате чувство дека немате што да облечете, вие сте веројатно расипничка. Но, ако имате десет фустани и десет години уживате да ги носите, вие сте умерена. Расипништвото не е во бројот на работите што ги поседувате, туку во нивното некористење.
Чекор 7: Почитување на вашата Животна енергија — Максимизирање на приходите
Покажете почит кон животната енергија што ја вложувате во вашата работа. Парите се, едноставно, нешто што го добивате во замена за животната енергија што ја вложувате. Вложувајте ја со цел и интегритет, за да постигнете зголемена заработувачка.
Колку добро ја користите својата енергија и на работа и во своето време? Дали вашата работа ви го ’голта’ (искористува, уништува, арчи) животот? Дали си го сакате животот, и внимавате како го користите секој час од него — на работа и надвор од работа?
Нашата исполнетост како човечки суштества не доаѓа од нашата работа, туку од целосната слика на нашите животи — од нашето внатрешно чувство за тоа што е суштната на животот, нашата поврзаност со другите, и нашиот копнеж по смисла и цел.
Може да ја сакате работата за којашто сте платени, или може да ја мразите; тоа не е важно. Но не сакате да согледате дека целта на вашата платена работа е да бидете платени, а вашата вистинска ’работа’ може да е многу поголема од ова едно работно место.
Ништо во вашиот живот не е поскапоцено од вашето време.
Како:
- Запрашајте се: Дали заработувам за живеење или за умирање?
- Преиспитајте ги вашите цели за платеното вработување.
Зошто:
- Ви преостануваат уште само X број часови живот. Одлучете како сакате да ги поминете тие преостанати часови.
- Кинењето на врската помеѓу оној кој сте и она што го работите за ’живот’ ќе ве ослободи за избори што повеќе ќе ве исполнуваат.
Чекор 8: Капитал и точка на премин
Следејќи ги чекорите 1 до 7, ќе се придвижувате кон Финансиска, независност. Со чекорот 8 ви се отвора можност за Финансиска независност (ФН). Чекорот 8 ви покажува на кој начин можеби ќе можете да го напуштите платеното работно место многу поскоро отколку што сте мислеле дека е возможно.
На вашиот Ѕиден графикон би требало да почнете да воочувате растечки јаз помеѓу приходите и расходите – со други зборови, заштеда. Пред да надвладее ФН размислувањето, незвисност, и интегритет,’нормален човек’ би можел овие заштеди да ги гледа како добри за малку расипништво. Но новиот начин на размислувањето ги гледа овие заштеди во поинаква светлина. Финансиски независното размислување го нарекува тој јаз ’капитал’.
Капитал се пари што создаваат повеќе пари. Тој постојано работи за вас и носи приход исто толку сигурно како што работното место ви носи приход. Кога ќе го ставите капиталот во банка или во друг инструмент што носи камата, тој станува инвестиција. Инвестиција е претворање на капиталот во некаков облик на богатство што не е готовина, со очекување да се добие приход.
Природата на приходот што го добивате од вашиот капитал е поинаква од природата на приходот од работа. Тој пристигнува без оглед дали одите, или не одите на работа. Наместо едноставно да го ставате во истиот куп со вашиот вкупен месечен приход, ќе го внесувате одделно на ѕидниот графикон според подолу дадената формула.
Секој месец применете ја оваа равенка на вашиот вкупен акумулиран капитал, и прикажувајте го месечниот приход од независност како одделна линија на вашиот Ѕиден графикон:
капитал X тековна долгорочна каматна стапка 12 месеци | = | месечен приход од инвестицијата |
Како:
- Утврдете ја долгорочната каматна стапка со проверка на каматата за 30-годишните трезорски (државни) обврзници во Табелата за државни обврзници на Вол Стрит Журнал или кој било весник на голем град. По повеќе месеци на програмата, линијата за вкупни месечни трошоци ќе покажува многу помалку цик-цак движења на многу пониско ниво отколку кога сте почнале. Со лесно извлечена линија со молив, проектирајте ја на вашиот графикон линијата за вкупни месечни расходи во иднина.
Во државите надвор од САД, оваа информација може да се најде во националните дневни весници и на финансиските веб страници. За овој конкретен дел од програмата, и за повеќе информации, ве молиме погледнете во книгата.
- По повеќе месеци на програмата, линијата на вашиот месечен приход од инвестицијата ќе почне да се придвижува нагоре од првично долниот раб на графиконот. (Доколку навистина сте ги инвестирале овие пари како што е изложено во Чекорот 9, линијата ќе се извива нагоре – резултат на магијата на каматата на камата.) Со лесно исцртана линија со молив проектирајте го месечниот приход од инвестицијата во иднина. Во истата точка во иднина таа ќе ја премине линијата на вкупни месечни расходи. Тоа е Точката на премин.
Зошто:
- Во Точката на премин ќе бидете финансиски независни. Месечниот приход од вашиот инвестициски капитал ќе биде еднаков на вашите стварни месечни расходи.
- Ќе имате доволно.
- Вашите опиции ќе бидат широко отворени.
- Прославете.
Чекор 9: Управување со вашите финансии
Последниот чекор кон финансиска независност: станете личност со знаења и информираност за долгорочните инвестиции што носат приходи. Инвестирајте го вашиот капитал на начин што ќе ви обезбеди апсолутно безбеден приход, доволен за задоволување на вашите основни потреби до крајот на вашиот живот.
Во Чекорот 9 станува збор за тоакако да се оспособите себеси да правите мудри финансиски избори, а вашата прва лекција се однесува на самоедукација, за да не станете плен на бескрупулозни брокери, финансиски планери и продавачи кои сакаат да ве сместат во секакви инвестициски шеми од кои ќе добиваат убави провизии.
Без оглед дали ’финансиската независност’ ја дефинираме како состојба без долгови, со доволна заштеда да издржиме економски кризи, или како полноправна ’рана пензија’ што ви овозможува целосно да му се посветите на она што ви е вам најзначајно, долунаведените критериуми што ги изгради Џо Домингез се однесуваат на сѐ што ќе правите со вашиот капитал (иако секој човек ќе ѝ даде различна тежина на секоја одделна категорија):
- Вашиот капитал мора да носи приход.
- Вашиот капитал мора да биде апсолутно безбеден.
- Вашиот капитал мора да биде во целосно ликвидна инвестиција. Мора да можете да го претворите во готовина штом ќе посакате, во итни случаи.
- Вашиот капитал не смее да се намали при инвестирањето, со непотребни провизии или други издатоци.
- Вашиот приход мора да биде апсолутно безбеден.
- Вашиот приход не смее да варира. Мора точно да знаете колкав ќе биде вашиот приход наредниот месец, следната година или по 20 години.
- Вашиот приход мора да може да ви се исплатува, во готовина, во редовни интервали.
- Вашиот приход не смее да биде намален со никакви трошоци, провизии за управување или за откуп.
- Инвестицијата мора да ви носи редовен, фиксен познат приход без никакви дополнителни трошоци за вас. Не смее да бара одржување, менаџирање, географско присуство или внимание поради ’виша сила’.
Како:
- Оспособете се да ги донесувате своите одлуки во врска со инвестицијата со стеснување на фокусот врз најбезбедните не-спекулативни долгорочни обврзници со фиксни приходи, какви што се државните обврзници на САД, и обврзниците на Американската владина аганеција (или други конзервативни инвестиции). Скротете ги прифатените нерационални стравови од инфлација со јасна мисла и зголемена свесност.
- Чекорот девет во Ажурираната и ревидирана програма за 21 век ги проширува критериумите за инвестирање вклучувајќи го многу конзервативното и балансирано користење на отворени инвестициски фондови, недвижнини, и други инвестициски инструменти, иако првобитниот ултраконзервативен пристап на Џо сѐ уште е на сила. Всушност, оние што го следеа тој пристап главно не беа погодени од тековната рецесија.
- Надвор од САД постојат неколку слични можности за долгорочни инвестиции што соодветствуваат на принципите на оваа програма.
- Отстранете ги високите издатоци, надомести и провизии за посредници и широко маркетирани инвестициски производи.
- Направете финансиски план користејќи ги трите столба:
Капитал: Приходното јадро на вашата Финансиска независност.
Резервирани средства: Сума на средства над долната граница на готовинската сметка, што не се троши и што собира банкарска камата, доволно за покривање на шест месеци расходи.
Резервна сметка: Вишокот средства произлезени од вашето постојано практикување на деветте чекори. Може да се искористат за финансирање на вашата услужна дејност, да се реинвестираат за да се направи дотациски фонд, да се користат при замена на скапи работи за домот, да се искористи за надомест на повремените упади на инфлација, да се подарат, итн.
Зошто:
- Затоа што во животот постои нешто повеќе од работно време од девет-до-пет.
ЗАКЛУЧОК
Вие сте на пат да си ја вратите моќта што сте им ја дале на парите — и на експертите за работење со пари. Подготвени сте да станете совесен, грижлив и информиран економ на својата животна енергија. Наша најголема надеж е дека овие постапки ќе ги примените во сопствените финансии и дека својата животна енергија ќе ја вложите во предизвиците со кои се соочува човештвото и нашата планета. Ви посакуваме голем успех.